Ико Брдароски е Заменик управен директор на Пакомак ДОО Скопје, колективен постапувач со отпад од пакување, каде што работи од 2012 година, најпрво како Менаџер за развој на бизнисот и комуникации, а од 2024 година на сегашната функција. Со над 20 години искуство во продажба, маркетинг, менаџмент на брендови и деловна стратегија, тој е препознаен по градењето партнерства меѓу приватниот сектор, општините и меѓународните развојни институции.
Во Пакомак одговара за дефинирањето и спроведувањето на деловната стратегија на компанијата и за исполнувањето на националните цели за рециклирање, како и за градењето на капацитетите и соработката со општините и јавните комунални претпријатија при спроведувањето на стратегијата за собирање отпад. Раководи и со воведувањето на иновативни SMART решенија и информациски системи во работењето на компанијата.
Брдароски е проектен менаџер на проектот „Паметно управување со отпадот од пакување“, реализиран во соработка со Амбасадата на Швајцарија и Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), чија прва фаза се спроведуваше од 2021 до 2024 година, а втората трае до 2029 година. Раководел и со проектот за иновативен систем за стимулирање на селективно собирање отпад од пакување, поддржан од Фондот за иновации и технолошки развој, и со проектот за одржлив синџир на вредност за рециклирање стакло во Западен Балкан, реализиран со GIZ.
Пред Пакомак, Брдароски раководел со индиректната продажба во ONE ДОО Скопје, бил регионален менаџер за продажба и дистрибуција во претставништвото на Фабриката за тутун Ровињ во Скопје, супервизор за клучни клиенти во Космофон и менаџер за продажба во Текноксгруп Македонија, застапникот на Caterpillar за Македонија.
Дипломирал на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на насоката финансиско сметководствен менаџмент, а магистрирал по eBusiness менаџмент во заедничката програма на IAE de Paris при Универзитетот Париз I — Пантеон Сорбона, Fontys University of Applied Sciences во Ајндховен и Howest во Бриж. Има завршено и професионални обуки на The Chartered Institute of Marketing од Англија, како и програма за основи на науката за податоци и вештачката интелигенција на Southampton Data Science Academy.

